Македонската ракометна репрезентација ја победи Швајцарија и го заврши настапот на ЕП во ракомет

Македонската ракометна репрезентација против Швајцарија, Европско првенство во ракомет, 16.01.2024

Македонската ракометна репрезентација ја победи Швајцарија со резултат 29:27 во третиот меч од групната фаза на Европското првенство (ЕП) во Берлин, Германија.

Со овој триумф, Македонската ракометна репрезентација го освои третото место во групата кое има важност за да добие полесен противник во баражот за Светското првенство во ракомет.

Селекторот Кире Лазаров изјави дека е многу задоволен од победата.

„Не е лесно да се победи ривал како Швајцарија. Тие покажаа дека можат да играат со најдобрите во Европа. Имаат искусни играчи и ѕвезди, тоа го докажаа и против Франција. Моите играчи беа навистина одлични. Немавме толку технички грешки како во претходните натпревари. Оваа победа е многу важна за нас, завршивме третопласирани и ни носи релативно полесен ривал во баражот за следното Светско првенство“, рече Лазаров по натпреварот.

На полувремето, предноста за македонските ракометари беше 13:9.

Видете и ова: Македонските ракометари поразени од Франција на отворањето на Европското првенство во Германија

Најдобар стрелец на мечот беше Швајцарецот Енди Шмид со 12 голови.

Во таборот на Македонија по пет погодоци имаа Марко Митев и Ненад Костески, додека голманот Мартин Томовски имаше 12 интервенции.

Натпреварот против Швајцарија беше последниот натпревар за Македонската ракометна репрезентација на ова Европско првенство.

Претходно, македонските ракометари беа поразени од Франција и од Германија.