Израел погодува цели низ цела Газа

Фотографија направена на 15 јануари 2024 година од Рафах покажува чад што се издига над Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа за време на израелските бомбардирања, среде тековните битки меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

На 15 јануари, израелските сили бомбардираа цели на југот, северот и центарот на Појасот Газа.

Дванаесет Палестинци загинаа, а неколку се ранети во израелски воздушен напад во текот на ноќта врз куќа во северниот дел на градот Газа, соопштија здравствените власти, додека облаци од чад се издигнаа над јужната престолнина Кан Јунис, која беше гранатирана од израелски тенкови.

Палестинската новинска агенција САФА, поврзана со Хамас, објави дека има тешки судири меѓу нивните членови и израелските сили во Кан Јунис, додека израелски тенкови исто така се забележани во близина на Ал-Буреи и Ал-Магази во центарот на Газа.

Во Ал-Нусеират, локалната новинарка Доа Ел-Баз, прикажа снимка од тоа како изгледа улицата каде таа порано живеела.

„Целата оваа населба беше уништена. Ниту една куќа не беше поштедена“, рече таа, стоејќи пред урнатините.

„Тука ги убија сите наши соништа. Куќата во која пораснав и го поминав целото мое детство“, рече Баз со треперење во гласот.

Комуникациите низ тесната крајбрежна енклава останаа прекинати четврти ден по ред, велат жителите.

Видете и ова: Војната меѓу Израел и Хамас влезе во 100-тиот ден, Нетанјаху вети „Никој нема да нè спречи“

Во соопштението, израелската војска (ИДФ), соопшти дека убила двајца палестински борци во воздушен напад врз нивно возило додека превезувале оружје во Кан Јунис, а исто така извршила рација во командниот центар на Хамас во градот и погодиле два магацини за оружје.

Војната меѓу Хамас и Израел започна на 7 октомври минатата година, за време на ненадеен напад врз јужен Израел во кој беа убиени повеќе од 1.200 луѓе.

Овој напад на Хамас, потоа предизвика воздушен и копнен напад на израелските сили што го претворија поголемиот дел од Газа во пустош, а досега, според локалното Министерство за здравство, убиени се околу 24.100 луѓе, додека повредени се речиси 61.000.

Здравствените власти во Министерството под контрола на Хамас соопштија дека 132 лица биле убиени во изминатите 24 часа, што им сугерира на Палестинците дека интензитетот на израелската офанзива само малку се намалил и покрај најавата за нова фаза од војната.