Активисти и професори посетија студент во домашен притвор во Белград

Белград, Србија - пораки кои студентите ги напишаа за време на протестите.

Претставници на студентското движење „Борба“, опозицијата и тројца професори од Универзитетот во Белград на 14 јануари го посетија студентот Димитрије Радовановиќ, кој е во домашен притвор во Студентскиот дом во Белград.

19-годишниот Радовановиќ беше уапсен на 24 декември по протестот на опозицијата поради обвинувањата за изборна кражба, по што му беше одреден домашен притвор.

Обвинителството го обвинува за насилничко однесување за време на протестот на коалицијата „Србија против насилството“ пред Собранието во Белград, кој беше одбележан со нереди.

Радовановиќ беше посетен од претставникот на студентското движење „Борба“ Павле Цицвариќ, професорите Миодраг Јовановиќ, Оливер Тошковиќ и Александар Баукал, како и од претставниците на опозициската партија Зелено-левичарски фронт Роберт Козма и Билјана Ѓорѓевиќ во „Патрис Лумумба“ во Белград.

Видете и ова:

О’Брајан - На Западен Балкан му треба економска интеграција, регионот мора да стабилен и безбеден

Како што може да се види на видеото објавено на профилот на неформалната група „Чувари на огнот“ на Фејсбук, тој им се обрати на новинарите од терасата на Студентскиот дом наведувајќи дека не знае колку може да трае неговиот домашен притвор.

Инцидентите пред белградското Собрание на 24 декември почнаа кога група маскирани лица пукаа во градското собрание и го скршија влезот и прозорците, а полицијата, која беше внатре во зградата, одговори со солзавец.

Потоа следеше операција на Жандармеријата во која беа уапсени речиси 40 демонстранти.

Радовановиќ претходно за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека бил приведен со друг кога се враќале од протест.

Тој ги негираше обвинувањата.

„Не сторив никакво кривично дело. Не го таргетирав Градското собрание. Протестирав, едноставно кажано“, изјави Радовановиќ за РСЕ на 11 јануари.

Вишото јавно обвинителство во Белград на РСЕ соопшти дека седуммината уапсени демонстранти склучиле спогодба за признавање вина, по што биле осудени на условна казна и парични казни.

Четворица од уапсените се во затвор, а шестмина се во домашен притвор.

Видете и ова:

Вучиќ ги отфрли барањата за меѓународна истрага за изборни нерегуларности

Опозицијата тврди дека немирите на протестот на 24 декември биле предизвикани од хулигани испратени од власта, а студентите кои биле уапсени не учествувале на нив.

Опозицијата, на која во протестите и се придружија и некои студенти, ја обвинува владејачката Српска напредна партија (СНС) дека ги менува изборните резултати и бара да се објават нови.

Државниот врв ги отфрли обвинувањата, а претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ ги обвинија претставниците на опозицијата за организирање на насилството.

Заедно со опозицијата, на изборни нерегуларности во Србија укажаа и домашни и меѓународни набљудувачи.