Стотици илјади луѓе имаат итна потреба од помош поради поплавите кои зафатија големи области на Република Конго, објавија во петокот Обединетите нации.
Како што јави АП, невообичаено обилните врнежи доведоа до тоа девет од 12 области во оваа земја да бидат погодени од поплави кои оштетија здравствени установи и училишта и поплавија земјоделско земјиште, се вели во соопштението на Светската здравствена организација (СЗО).
Повеќе од 330.000 луѓе ги трпат последиците од оваа катастрофа.
„СЗО ќе ја поддржи владата за таа да ги спаси животите на луѓето и да обезбеди пристап до основните услуги“, рече Лусиен Манга, претставник на организацијата во Конго.
Врнежите се двојно повеќе од просечните забележани во 2022 и 2023 година и уништиле или оштетиле 34 здравствени установи, 120 училишта и повеќе од 64.000 куќи, се наведува во соопштението.
Поплави се случија долж бреговите на реката Конго и околу реката Убанги, а Обединетите нации предупредија дека тоа може да доведе до појава на болести кои се пренесуваат преку вода, како што е колера, и да го попречат пристапот до здравствена заштита.
Нивото на реките се уште е високо, а веројатно е дека водите нема да се повлечат во блиска иднина, изјави владиниот портпарол Тиери Мунгала.
Поплавите започнаа пред две недели, а како резултат на тоа загинаа најмалку 17 лица, додаде Мунгала.
Иако поплавите не се ретка појава во Конго, жителите на главниот град Бразавил велат дека не виделе такво нешто со децении.
„Дури и поплавите од 1961 година не беа толку големи како оние што ги гледаме денес во Бразавил“, вели 78-годишниот Антоан Оканџа чија куќа ја однела водата.
Владата најави дека ќе инвестира повеќе од три милиони долари во фонд за итни случаи при катастрофи.