Четири лица се приведени за пукањето пред тетовската болница

Клиничка болница Тетово (архивска фотографија)

Четири лица се приведени за синоќешното (11 јануари) пукање пред Ургентниот центар во Клиничката болница во Тетово во кое имаше две ранети лица, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР).

За уште едно лице се преземаат мерки за пронаоѓање, велат од полицијата додавајќи дека по документирање на случајот ќе биде поднесена и пријава.

Приведените лица се на возраст од 35 до 55 години, меѓу нив е и едно женско лице. Сите се од Тетово.

Видете и ова: Меџити: Пукањето пред болницата во Тетово нема поврзаност со здравството

Ранетите лица во инцидентот, пак, се на возраст од 36 и 41 година и се од селото Гајре. Тие беа префрлени во Скопје каде се хоспитализирани на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

Пукањето се случило вчера (11 јануари) околу 18 часот, а како што беа првичните информации од полицијата, на него му претходела физичка пресметка меѓу еден од ранетите и еден од осомничените.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, изјави дека инцидентот не е поврзан со здравството во ниту една точка и оти лицата случајно се нашле во дворот на болницата.