Ирскиот премиер од Скопје: Политичката стабилност во Северна Македонија е важна за Европа

Премиерите на Ирска (Лео Варадкар) и на Северна Македонија (Димитар Ковачевски) во Скопје, 12 јануари 2024 г.

Приклучувањето кон ЕУ треба да биде национална амбиција, а не партиска или политичка работа. Тоа е важно за регионалната безбедност на Балканот, но и за пошироката безбедност на Европа особено по руската инвазија на Украина која даде една нова итност во ситуацијата, порача премиерот на Ирска, Лео Варадкар, при посетата на Северна Македонија на 12 јануари.

Луѓето од регионот, потенцираше тој, ќе имаат придобивки од членството.

„Се надевам дека напредокот во пристапните приговори ќе забрза. Веќе 10 години ниту една земја не се приклучила кон ЕУ и мислам дека тоа треба да се промени“, рече Варадкар.

Тој испрати пораки и дека политичката ситуација во земјава треба да остане стабилна

„Политичката стабилност во Северна Македонија е важна за Европа и ние во Ирска го имаме искусено уништувањето што го носат конфликтите во заедницата, а сме сведоци и на големите придобивки кои доаѓаат од мировните процеси“, рече ирскиот премиер.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на заедничката прес-конференција, исто така ја потенцираше важноста од пристапувањето кон Европската Унија и рече дека Ирска е еден од најголемите пријатели и поддржувачи на членството во блокот.

Видете и ова:

Холандскиот амбасадор се сретна со Ахмети: Неприфатливо е политичко влијание врз претседател на Врховен суд

Двајцата зборуваа и за билатералните односи, кои траат околу три децении, оценувајќи ги како „топли“, но порачаа дека не се на нивото на кое може да бидат, пред сè во економската соработка.

„Сметам дека има потреба од унапредување на билатералните односи. Трговијата беше само 20 милиони минатата година меѓу двете земји, мислам дека можеме да ја постигнеме зголемување, но и да воспоставиме образовни и туристички врски“, рече Варадкар.

Ковачевски, пак, потенцираше дека има повеќе можности за соработка особено во областите на информатичката технологија, телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот.

Во досегашната трговска размена помеѓу двете држави, Ирска од Северна Македонија претежно увезува земјоделски производи, а Северна Македонија е увозник на производи од телекомуникациската и фармацевтската индустрија во Ирска.

Варадкар е првиот премиер на Ирска што доаѓа во официјална посета на Скопје од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји во 1994 година.

Во рамки на неговата турнеја на Балканот, пред Северна Македонија тој ги посети и Црна Гора и Косово.

Од неговите посети, тој рече дека дознал повеќе за предизвиците со кои се соочуваат овие земји – надворешни и внатрешни, и ќе си замине со „добро разбирање за важноста за Ирска да му помогне на овој регион“.