Поднесено обвинение за планирање терористички напад на џамија во Зеница

Зеница, БиХ (Илустративна фотографија)

Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинителен акт за тероризам против Мирза Капиќ, граѓанин на БиХ за планирање напад на џамијата „Босна“ во Зеница, соопшти оваа правосудна институција во средата на 10 јануари.

Капиќ, како што е соопштено, обвинет е дека го планирал нападот на џамијата заедно со нему познати лица кон средината на 2023 година, со цел сериозно заплашување на населението и дестабилизација на општеството.

Се додава и дека користел интернет апликации и мобилен телефон за да го испланира и организира нападот.

„Според собраните докази, нападот бил планиран со употреба на експлозивна направа направена од ТНТ и жива експлозив, со цел да се казнат научниците и членовите на Исламската заедница (ИЗ) во БиХ, кои објавуваат фатви против терористичката организација т.н. наречена Исламска држава, како и казнување на припадниците на ИЗ во БиХ, кои пријавуваат членови на екстремистички организации до органите на гонење во Босна и Херцеговина“, се вели во соопштението на Обвинителството на БиХ.

Мирза Капиќ е во притвор од август 2023 година.

Станува збор за лице кое претходно било осудено поради војување во Сирија и поседување оружје.

Видете и ова:

Властите во БиХ предупредуваат за опасност од евентуален терористички напад

Капиќ е осуден на една година и десет месеци затвор за приклучување кон странски паравоени и параполициски организации во Сирија, односно за кривично дело поврзано со тероризам и престој на странски боишта.

Повеќе од 300 лица од БиХ заминаа во Сирија. Во првиот бран на (самостојно) враќање од Сирија и Ирак, околу триесет мажи и неколку жени и деца се вратија во Босна и Херцеговина до 2019 година. Група од 25 државјани беше вратена во БиХ на организиран начин во декември 2019 година.

Повеќе од стотина граѓани на БиХ, вклучително и осомничени милитанти на Исламската држава и членови на сродните семејства, сè уште се во Сирија и Ирак.