Врховен ги отфрли жалбите на незадоволните судии за избор во Апелација

Судски совет

Врховниот суд го потврди изборот на Судскиот совет за судии во Апелациониот суд Скопје со отфрлање на жалбите на незадоволните судии. Во денешната објава на пресудите е наведено дека жалбите на судиите Џанета Бектовиќ, Оља Ристова, Елизабета Настов и Андреј Димовски се одбиваат како неосновани со што се потврдува одлуката на Судскиот совет за избор на судии во Апелација.

Во ноември минатата година Судски совет одлучи новите позиции да се пополнат со Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани за судии од кривична област во Апелациониот суд Скопје.

Судиите кои се жалеа на одлуката на Судскиот совет до Врховен суд бараа да биде поништен и да се повтори изборот, затоа што според нив Советот го направил изборот без почитување на ранг листата на бодување, со прескокнување на повисоко рангираните кандидати преку гласање со бадентерово мнозинство.

Видете и ова:

Управен го поништи разрешувањето на Дамева од претседател на Судскиот совет

Судијката Ристова на јавната седница во Врховен суд истакна дека субјективниот избор преовладал над објективните критериуми. Таа во Судскиот совет доби мнозинство гласови, но не и на гласањето со бадентерово мнозинство, кое според неа, му даде поддршка на послабо рангиран кандидат.

„Под целосна дискреција и без дадени образложени причини од страна на Советот, оневозможенено е правото да бидам избрана како подобро рангирана кандидатка во повисок суд“, истакна Ристова на јавната седница во Врховниот суд.

Врховниот суд ја одби нејзината жалба со оправдување дека одлуките на Судскиот совет биле доволно јасни и аргументирани и дека не се во спротивност со законите и уставот.

Видете и ова:

Судски совет: Одлуките донесени од изборот до оставката на Сашко Георгиев се во правна сила

Со објавената одлука на Врховниот суд треба да стапи во сила и одлуката на Судскиот совет за новите судии во Апелација. Но, во јавноста се покрена прашањето дали одлуките на Судскиот совет можат да станат правосилни, затоа што се донесени во време кога со него претседава Сашко Георгиевски кој, според последната пресуда на Управниот суд, е нелегитимен претседавач.

Од Судскиот совет на оваа дилема одговорија дека со пресудата на Управниот суд не се доведува во прашање законитоста на одлуките донесени од Судскиот совет како колективно тело, бидејќи се поништува решението за разрешување на сегашната претседателка Весна Дамева.