Пентагон не планира повлекување на американските војници од Ирак

Генерал Патрик Рајдер

Пентагон во моментот не планира да повлече околу 2 500 американски војници од Ирак, објави портпаролот, генерал Патрик Рајдер и покрај тоа што Багдад минатата недела го објави почетокот на процесот за затворање на мисијата на меѓународната коалиција предводена од САД во земјата.

„Во овој момент, не ми е познато за какви било планови за повлекување. Остануваме фокусирани на мисијата да ја победиме ИД“, наведе Рајдер.

Тој додаде дека припадниците на американската војска се во Ирак на покана на владата на земјата.

Рајдер, исто така, рече дека не знаел за какво било известување од Багдад до Министерството за одбрана за одлуката за повлекување на американските трупи и ги упати новинарите до американскиот Стејт департмент за какви било дипломатски прашања.

Видете и ова: Ирак се подготвува за затворање на мисијата на коалицијата предводена од САД

Пред неколку дена ирачката влада формираше комитет за да се подготви за затворање на мисијата на меѓународната коалиција предводена од САД во таа земја, објавија од кабинетот на премиерот Мохамад Шија ал Судани.

Најавата дојде еден ден откако американскиот напад уби водач на милицијата во Багдад, што предизвика гнев кај проиранските групи кои бараат владата да го прекине присуството на коалицијата во Ирак.