Два борбени авиона Ф-16 на американските воздухопловни сили ќе спроведат билатерална обука „воздух-земја“ со заеднички контролори од специјалните сили на Армијата на Соединетите држави и вооружените сили на Босна и Херцеговина во Тузла и регионот Брчко попладнето на 8 јануари, соопшти американската амбасада во Сараево.
„Оваа билатерална обука е пример за напредна соработка меѓу двете војски кои придонесуваат за мирот и безбедноста на Западен Балкан, како и ја демонстрира посветеноста на Соединетите Држави за обезбедување на територијалниот интегритет на БиХ во услови на антидејтонска и сецесионистичка активност“, се вели во соопштението.
Соединетите Држави истакнаа дека Уставот на БиХ не предвидува право на отцепување и дека ќе дејствуваат доколку некој се обиде да го промени овој основен елемент на Дејтонскиот договор, со кој заврши граѓанската војна во Босна од 1992 до 1995 година.
Видете и ова: Протест во Сараево поради неуставниот ден на Република Српска
Денешниот настан е дел од напорите на американските сили да разменат тактики, техники и процедури со вооружените сили на БиХ. Американските авиони ќе се вратат во базата веднаш по завршувањето на мисијата.
„Способноста за брзо распоредување, постигнување цел и враќање дома ја демонстрира способноста на Соединетите Држави да проектираат моќ и да дејствуваат заедно со сојузниците и партнерите“, е наведено во соопштението.