Британската полиција отвори истрага против тамошната Пошта поради измама откако оваа институција обвинила повеќе од 700 свои вработени за кражба, за на крај да се види дека всушност станува збор за грешка во компјутерскиот систем, пренесе агенцијата Асошиејтед Прес (АП).
Полицијата Метрополитен доцна синоќа соопшти дека ги истражува „потенцијалните кривични дела со елементи за измама“.
Полицијата, исто така истражува потенцијални кривични дела како лажно сведочење и извртување на вистината како дел од истрагата и кривичното гонење кое го спроведуваше Пошта против своите вработени кои ги обвини за кражба.
Во периодот од 1999 и 2015 година, над 700 управници на поштенските филијали се обвинети за кражба или измама, бидејќи компјутерите погрешно покажувале недостаток на пари.
Многумина од нив пропаднале финансиски откако биле присилени да и платат големи суми на пари на компанијата, додека некои од нив биле дури и испратени во затвор. АП пишува дека неколкумина вработени во меѓувреме извршиле самоубиство.
Видете и ова: Велика Британија и САД воведоа санкции против седум Руси поради сајбер криминалВистинскиот виновник пак всушност бил неисправен компјутерски сметководен систем наречен Хоризонт, кој го испорачала јапонската технолошка компанија Фујитсу, а кој е инсталиран во локалните филијали на поштата во 1999 година.
Поштата со години тврдела дека податоците од Хоризонт се доверливи и ги обвинуваше управниците на овие филијали за измами кога системот ќе покажел дека нема пари.
По повеќегодишни кампањи кои ги воделе вработените со нивните адвокати, Апелациониот суд во 2021 година укина 39 осудителни пресуди во овој случај, а судијата образложи дека системот Хоризонт направил „неверојатни пропусти“.
Од Поштата информираат дека засега е поништена пресудата за 93 вработени, а многумина допрва ќе треба да бидат ослободени од вина. Досега пак, никој од јавната Пошта или вклучените претпријатија не е уапсен, ниту пак е поднесена кривична пријава против некого.