Над 100 загинати во серијата земјотреси во Јапонија

Земјотрес во Јапонија

Бројот на загинатите во земјотресите кои минатата недела ја погодија западна Јапонија надмина 100 лица, пренесе агенцијата Асошијетејтед Прес (АП).

Тамошните власти предупредуваат дека патиштата, напукнати од десетината земјотреси кои и натаму не стивнуваат во ова подрачје, би можеле целосно да се срушат. Овој ризик пак се зголемува со најавите за врнежи од дожд и снег кои се очекуваат во текот на вечерта и во неделата.

Во градот Вајим забележан е најголем број на смртни случаи – дури 69 загинати лица.

Повеќе од 500 луѓе се повредени, од кои најмалку 27 од нив се во тешка состојба, додека и натаму трае потрагата по повеќе од 200 лица.

Јапонски функционери примија сочувство од лидерите ширум светот кои ветија и хуманитарна помош.

Видете и ова: Во земјотресот во Јапонија 48 мртви, тлото поместено за 1,3 метри

Портпаролот на јапонската Влада, Јошимаса Хајаши, во обраќање за новинарите рече дека Јапонија е благодарна на сите пораки со сочувство, вклучувајќи ја и онаа која пристигнала од Северна Кореја.

Хајаши соопшти и дека Јапонија последна порака со сочувство од Северна Кореја добила во далечната 1995 година.

Видете и ова: Повеќе од 50 земјотреси до 7,6 степени според Рихтеровата скала ја погодија Јапонија

Долж јапонскиот брег пак, постепено повторно е воспоставено снабдувањето со електрична енергија, но и натаму има недостиг на вода, бидејќи системите за итно снабдување се оштетени по земјотресите.

Илјадници војници беа ангажирани да носат вода, храна и лекови за повеќе од 32.000 луѓе кои се евакуирани од погоденото подрачје, а засолниште луѓето бараа во сали, училишта и други објекти.