Најмалку 24 повредени во судар на два воза во метрото во Њујорк

илустрација

Најмалку 24 лица биле полесно повредени кога два воза на метрото во Њујорк се судриле и еден од возовите излетал од шините.

Три линии од разгранетата мрежа на едно од најстарите метроа во светот беа затворени, а северозападниот дел на главниот остров на мегаполисот, областа Апер Вест Сајд на Менхетен, беше целосно опколен од пожарникари, полиција и брза помош.

„Никој не е сериозно повреден во судирот, кој се случил меѓу воз кој превезувал патници и друг кој бил празен и запрен на пругата“, изјавија за новинарите Јан Свордс од службите за итни случаи и Мајк Мејерс, командант на службата за итни случаи.

Њујоршкото метро е дотраено, но несреќите и инцидентите се многу ретки, а бројот на возила почна повторно да се зголемува откако неговата употреба беше намалена поради пандемијата и порастот на криминалот помеѓу 2020 и 2022 година.