НАТО на 3 јануари објави дека ќе им помогне на своите членки да купат до 1.000 американски ракети Патриот за подобро да се заштитат себеси додека Русија ги засилува воздушните напади врз Украина.
Агенцијата за поддршка и набавка на НАТО соопшти дека ќе поддржи група земји, вклучувајќи ги Германија, Холандија, Романија и Шпанија, во купувањето на Патриот, кои се користат за одбрана од крстаречки и балистички ракети и од авиони.
Според извори од воената индустрија, договорот би можел да биде вреден околу 5,5 милијарди долари.
Видете и ова: Полска го повика Западот да ја опреми Украина со ракети со долг дострелКупувањето може да им помогне на сојузниците да ѝ дадат повеќе од нивните сегашни одбранбени системи на Украина, потсетува АП.
„Нападите на руски ракети и беспилотни летала врз украински цивили, градови и населени места покажуваат колку е важна современата воздушна одбрана“, се вели во соопштението на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Зголемувањето на производството на муниција е од клучно значење за безбедноста на Украина и за нашата безбедност“, додаде тој.
Како организација, НАТО ѝ дава само „несмртоносна поддршка“ на Украина, но нејзините членки испраќаат оружје и муниција.
Последната рунда руски напади започна во петокот со најголемиот поединечен напад врз Украина од почетокот на војната. Сега е жестока зимска војна на исцрпување долж линијата на фронтот долга 1.000 километри.
Повеќе од 40 цивили се убиени од викендот наваму.