Израел подготвен за секакво „сценарио“ по атентатот на заменик-шефот на Хамас

Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари

Израелската војска соопшти дека е „подготвена за какво било сценарио“ по нападот во Бејрут во кој загина заменик-шефот на Хамас, Салех ал-Арури, што ги подгреа стравувањата дека војната во Појасот Газа може да ескалира во поширок регионален конфликт.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари не го коментираше директно убиството, но потоа рече дека армијата е во „многу висока готовност на сите арени, дефанзивно и офанзивно“.

„Ние сме многу подготвени за секое сценарио“, рече Хагари.

Видете и ова: Во напад во Бејрут загина висок претставник на Хамас

Израел претходно објави дека команданти и функционери на Хамас биле убиени во Појасот Газа за време на војната.

Аури е најистакнатата личност што е убиена. Тој беше убиен во првиот израелски напад врз либанската престолнина од почетокот на непријателствата.

Хамас рече дека смртта на Аури нема да доведе до пораз, додека нејзиниот сојузник Хезболах со седиште во Либан вети дека убиството нема да помине неказнето, велејќи дека тоа е „сериозен напад врз Либан и опасен развој на настаните“.

Израел започна жестока воена кампања против Хамас во Газа откако милитантите извршија невиден напад врз јужен Израел на 7 октомври. Во нападот загинаа околу 1200 луѓе во Израел, главно цивили, според израелски податоци.