Судскиот совет утре ќе ја разгледува пресудата од Управниот суд за разрешувањето на Дамева

илустрација

Пресудата од Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на поранешната претседателка на Судскиот Совет, Весна Дамева, пристигнала во Советот.

Од Судскиот Совет информираат дека таа ќе биде разгледана утре (3 јануари) на работен состанок, а по неа треба да се постапи во рок од 30 дена и нема право на жалба.

Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во април минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд.

Видете и ова: Управен го поништи разрешувањето на Дамева од претседател на Судскиот совет

Според Дамева, причина за нејзиното разрешување било ставањето на дневен ред на седница, постапката за разрешување на судијата Енвер Беџети, кој девет месеци го држел предметот „Таргет-Тврдина“ во кој обвинет беше поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судскиот Совет.