Тројца опозициски политичари од Партијата за слобода и правда (СПП), кои започнаа штрајк со глад по вонредните избори во Србија, го прекинаа штрајкот, потврдија од партијата за Радио Слободна Европа.
Мариника Тепиќ, Јелена Милошевиќ и Бранко Миљуш штрајкуваа со глад барајќи поништување на изборите поради обвинувањата дека режимот на Српската напредна партија (СНС) извршил кражба на гласови и довел граѓани од соседните земји во Белград да гласаат на локалните избори.
Тројцата штрајкуваа во зградата на Републичката изборна комисија, а се хоспитализирани откако им беше загрозено здравјето поради гладување.
Претседателот на ССП, Драган Ѓилас, на 31 декември за агенцијата Фонет изјави дека потпретседателката на партијата, Мариника Тепиќ, која 12 дена штрајкувала со глад, се чувствува добро и почнала да зема минимални количини храна.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Преку штрајк со глад до ревизија на изборите во Србија
Во саботата, на 30 декември, Тепиќ накратко се обрати пред толпата на протестот против изборната кражба во центарот на Белград, по што отиде во болница.
Порталот Јужни вести објави дека Јелена Милошевиќ го прекинала штрајкот со глад откако лекарите од Клиничкиот центар во Ниш врз основа на резултатите од прегледот констатирале дека продолжувањето на штрајкот може да доведе до оштетување на органите.
Бранко Миљуш за РСЕ потврди дека го прекинал штрајкот со глад. Тој е пуштен од болница и моментално се наоѓа на домашно лекување.
Заедно со Мариника Тепиќ, Јелена Милошевиќ и Бранко Миљуш, штрајкуваа со глад и опозициските политичари Јанко Веселиновиќ и Данијела Грујиќ. Двајцата го прекинаа штрајкот со глад на 28 декември по совет на лекар.
Ден претходно штрајкот го прекина и претседателот на Обединетите синдикати „Слога“ Жељко Веселиновиќ.
Дел од опозицијата протестираше по изборите на 17 декември, обвинувајќи ја владејачката Српска напредна партија (СНС) за изборна кражба, вклучително и фиктивно регистрирање на своите гласачи од Србија и од странство на адреси во Белград.
Сомнеж за регуларноста на изборите изрази и Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), која на 18 декември објави дека изборите биле одбележани со сериозни нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, доминација на медиумите на претседателот Александар Вучиќ, негативна кампања. и ширење на страв.
Набљудувачката мисија ЦРТА соопшти дека на денот на изборите се случила организирана миграција што влијаело на исходот на изборите во Белград.
Сведоштва за организираното носење луѓе да гласаат на локалните избори во Белград сними и Радио Слободна Европа.
Исто така, дел од европратениците побараа независна истрага за сите пријавени нерегуларности за време на изборите одржани во Србија на 17 декември.
Соединетите Американски Држави ги повикаа и властите во Србија да ги истражат наводите на меѓународните набљудувачи.