Двајца Руси добија повеќегодишни затворски казни за антивоена поезија

Поетите Артјом Камардин и Јегор Штовба

Mосковскиот суд денеска(28.12) осуди двајца Руси на повеќегодишни затворски казни за читање песни против нападот врз Украина.

Артјом Камардин (33) е осуден на седум години затвор, а Јегор Штовба на пет години и шест месеци, на што нивните поддржувачи во судницата извикуваа „Срам!“

Руските власти уапсија илјадници луѓе за едноставни протести против инвазијата на Украина, додека критиките практично се забранети.

Камардин рече дека неговото притворање било особено насилно, тврдејќи дека полицајците го силувале и го принудиле да се извини со видео заканувајќи ѝ се на својата девојка.

Пред апсењето, тој ја рецитирал својата песна на плоштадот во Москва каде се собираат дисиденти уште од советско време.

Камардин извикуваше и навредливи слогани против империјалниот проект „Нова Русија“ чија цел е анексија на југот на Украина.

Видете и ова:

Убиени „двајца предавници“ на Украина


И двајцата беа осудени за „предизвикување омраза“ и „предизвикување активности што ја загрозуваат безбедноста на државата“.

Камардин пред судот изјави дека не знаел дека неговите постапки го прекршиле законот и побаралмилост.

„Јас не сум херој и одењето во затвор поради моите верувања никогаш не беше во моите планови“, рече тој во изјавата објавена на Телеграм-каналот на неговите поддржувачи.

Обвинетите во судницата добија поддршка од родителите, сопругите и од дваесетина пријатели.

Меѓу нив беше и сопругата на Камардин, Александра Попова.

„Тоа е многу тешка казна. Седум години за песни, за ненасилно кривично дело“, рече таа пред да биде приведена.

Во интервју за АФП кон крајот на 2022 година, таа го опиша апсењето на нејзиното тогашно момче, велејќи дека полицајците ѝ се заканувале со „групно силување“, ја тепале и ѝ ставиле суперлепак на образите и устата.

Видете и ова:

Русин приведен поради наводно шпионирање за Латвија

И Штовба (23) инсистирал дека не го прекршил законот.

Во последната изјава во судот, објавена од независниот портал Медиазона, тој го праша судијата: „Што правев незаконски? Читав поезија?

Штовба ѝ се обрати на мајка си, за која рече дека е финансиски зависна од него.

„Мамо, знам дека ти, повеќе од кој било друг, веруваш во мојата невиност... Сепак, жал ми е што вака испадна, што ти и тато останавте сами“, рече тој.

Николај Даинеко, кој беше уапсен во исто време, беше осуден минатиот мај на четири години затвор по склучувањето на договорот, соопшти ОВД-инфо, организација што ја следи репресијата во Русија.

Осудите на Камардин и Стовба се последните во серијата тешки казни на Русите кои протестираа против инвазијата на Украина, во судења за кои критичарите велат дека се апсурдни.

Во средината на ноември, судијката Оксана Демјашева ја осуди уметничката Александра Скочиленко на седум години затвор поради тоа што на налепниците со цени во продавници ставала слогани во кои ја критикува руската агресија врз Украина.