Почина Жак Делор, лидерите на ЕУ му оддаваат почит

Жак Делор, порашенеш претседател на Европската комисија, 26 октомври 1994 година.

Поранешниот претседател на Европската комисија (ЕК), Жак Делор, основачот на историскиот проект за единствената валута на Европската унија, почина во средата на 98-годишна возраст.

Делор, жесток поддржувач на повоената европска интеграција, беше претседател на Европската комисија во три мандати – подолго од кој било друг – од јануари 1985 година до крајот на 1994 година.

Лидерите на ЕУ му оддадоа почит на Делор за време на чие раководство со ЕК беше завршена интеграцијата на единствениот пазар и беше договорено воведување единствена валута, како и изградба на заедничка надворешна и безбедносна политика.

„Жак Делор беше визионер кој ја направи Европа посилна“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека Делор „ја водеше трансформацијата на Европската економска заедница кон вистинска унија“.

„Големиот Французин и голем Европеец, тој влезе во историјата како еден од градителите на нашата Европа“, рече Мишел.

Видете и ова:

Француско-германски документ за реформа на ЕУ пред проширувањето

За време на мандатот на Делор, тогашната 12-члена унија ги постави условите за евентуално прифаќање во блокот на поранешните комунистички држави од Централна и Источна Европа по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година.

Неговата ќерка Мартин Обри, социјалистичката градоначалничка на Лил, изјави за АФП дека нејзиниот татко починал во сон во неговиот дом во Париз.

Францускиот претседател Емануел Макрон му оддаде почит на својот сонародник како „неисцрпниот архитект на нашата Европа“ и борец за човечка правда.

Како упорен федералист, Делор страсно се залагаше за „сè посилна унија“ и често се судираше со тогашната британска премиерка Маргарет Тачер, која енергично се спротивставуваше на секое пренесување на власта во Брисел.

Веста за смртта на Делор дојде неколку часа откако беше објавено дека починал Волфганг Шојбле, чија кариера во германскиот парламент траеше повеќе од половина век и кој помогна да се обезбеди местото за неговата земја во срцето на Европа.

Во интервјуто по повод 50-годишнината од основањето на Римскиот договор во март 2007 година, Делор изјави за Ројтерс дека е загрижен оти ЕУ може да се распадне во рок од 20 години, доколку не ги реформира своите институции за да го поедностави процесот на донесување одлуки.

Помалку од една деценија подоцна, Велика Британија гласаше за напуштање на ЕУ. Федералистите продолжуваат да предупредуваат дека планираното натамошно проширување, веројатно со Украина, ризикува целосно да го запре донесувањето одлуки доколку не се спроведат подлабоки реформи.

И покрај тоа, Делор во тоа време изрази гордост за досието на ЕУ во ширењето на мирот, просперитетот, демократијата и владеењето на правото на континентот кој е оцрнет од војни, диктатури и злосторства.