Новата полска влада почна постапка за ликвидација на државните медиуми

Полицајци во седиштето на полската државна телевизија ТВП, 20 декември 2023 година.

Новиот полски министер за култура Бартоломеј Сиенкиевич иницираше ликвидација на полската државна телевизија ТВП, полското радио и националната новинска агенција ПАП.

Овој потег е направен поради фактот што претседателот на Полска, Анджеј Дуда пред неколку дена стави вето на околу 700 милиони евра неповратни средства од државниот буџет, што реално би значело дека за неколку месеци овие медиуми ќе банкротираат.

„Во сегашната ситуација со ова ќе се обезбеди понатамошно функционирање на тие медиуми, преструктурирање и ќе се спречи отпуштање на вработени поради недостиг на средства. Сопственикот може во секое време да ја прекине постапката за ликвидација“, соопштија од Министерството за култура и национално наследство на 27 декември.

Постапката за ликвидација е дополнителен чекор во надмудрувањето помеѓу претходната влада на партијата Право и правда на Јарослав Качински и новата влада на премиерот Доналд Туск, која по изборите на 15 октомври има удобно мнозинство во двата дома на парламентот, но недоволно за го отфрли ветото на шефот на државата, кој веќе се закани дека ќе го искористи за сите промени кои би ја елиминирале контролата на претходната влада врз институциите и јавните медиуми.

Видете и ова: Новата полска влада на чело со Туск положи заклетва

Поранешните јавни медиуми, кои партијата Право и правда, додека беше на власт осум години, законски ги претвори во државни медиуми и реално во свои партиски билтени, не може да се финансираат според планираното бидејќи мнозинството Полјаци едноставно не плаќаат претплата, а приходите од рекламирањето не се доволни.

Тие, особено ТВП и нејзиниот информативен канал ТВП.инфо, досега функционираа само благодарение на стотиците милиони евра компензација од државниот буџет, против кои тогаш, за разлика од сега, претседателот Дуда немаше ништо против.

Сите три медиуми имаат по двајца директори, еден назначен од претходната власт и нов кој сегашната опозиција и дел од новинарите не го признаваат. Се емитуваат паралелни вести, а членовите на опозициската партија Право и правда и нејзиниот шеф Јарослав Качињски од 19 декември ја окупираат зградата на ТВП.инфо и дел од просториите на агенцијата ПАП – деноноќно дежураат и се обидуваат физички да спречат влез на нови директори или вработени кои подготвуваат вести во зградата.

Поради хаосот во полските јавни медиуми и двојната власт, спреченоста на новинарите и другите вработени да си ја вршат работат мирно и професионално, протестираа меѓународните новинарски организации и полските новинарски здруженија и некои други невладини организации.

Тие апелираа до владата на премиерот Доналд Туск да не ги крши законите во толку потребната деполитизација на јавните медиуми и да не се однесува на ист начин како Качински кој, откако дојде на власт во 2015 година, ги стави јавните медиуми под целосна контрола на неговата партија.