Двојно убиство во тетовски Челопек, едно лице е рането

Илустрација

Двојно убиство попладнето на 27 декември се случи во тетовското село Челопек, а трето лице е рането. Настанот се случил околу 14 часот, а осомниченото лице е приведено, информираше СВР Тетово.

Двајцата убиени и ранетиот се роднини со осомничениот.

„Полициски службеници на СВР Тетово во Челопек, го лишија од слобода И.И на шеесетина години од ова село, постапувајќи по пријава дека околу 14 часот во селото со огнено оружје усмртил двајца негови роднини, а еден повредил. Осомничениот се здобил со повреди, исто така, нанесени од огнено оружје“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

По првичното евидентирање на настанот, тетовската полиција почна и увид во Челопек.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, изјави дека причините за убиството според првичните сознанија се нерасчистени имотни односи во семејството.