Стапуваат во сила мерките поради зголеменото загадување

илустрација

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека во Скопје стапуваат на сила мерките и препораките поради зголеменото аерозагадување, односно поради зголемената концентрација на ПМ 10 честички во текот на два последователни дена.

Во двата дена, на 25 и 26 декември се измерени повеќе од 150 микрограми на кубен метар ПМ 10 честички, со што се надминува прагот на алармирање, велат од ресорното министерство.

Поради зголеменото аерозагадување, се препорачува работодавците да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

Видете и ова: Скопје се дави во загаден воздух, малигните заболувања во пораст

Министерството препорачува и реорганизирање на работното време, а лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.

Дел од препораките се и да не се организираат спортски и други манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Во делот од мерките, се посочува Владата да ги задолжи сите органи на државна управа и единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50 отсто) употребата на службените возила, како и да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти.