Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека е поднесено обвинение за воени злосторства против цивилното население против лице од српска националност со иницијали Д.М.
Обвинетиот се терети дека за време на војната во Косово во 1998-99 година извршил кривични дела како чувар во затвор во Приштина и Липљан.
„Во својство на службено лице и во соработка со други службеници во затворот, тие систематски ги малтретирале албанските затвореници, се однесувале нехумано и ги мачеле на различни начини, кои не се во согласност со обичаите на војната“, се вели во соопштението на обвинителството.
Се додава дека Д.М. е обвинет и за „неовластено поседување оружје“.
Видете и ова: Специјалното обвинителство поднело 33 обвиненија за воени злосторства на КосовоНе прецизираа дали обвинетиот е во притвор.
Специјалното обвинителство на Косово на почетокот на декември соопшти дека досега поднело вкупно 33 обвиненија за воени злосторства на Косово против 89 лица.
За време на војната во Косово, во периодот од 1998 до 1999 година, беа убиени повеќе од 13.500 луѓе. Се верува дека 76 отсто од нив биле цивили. Исто така, продолжува потрагата по околу 1.600 исчезнати лица, главно од албанската заедница.
Од 2000 до 2008 година, воените злосторства во Косово ги истражуваше Мисијата на Обединетите нации (УНМИК), додека оттогаш Мисијата на Европската унија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) е одговорна за истраги за воени злосторства.
Во 2018 година оваа мисија достави документи до Обвинителството на Косово и до локалните судови.