Атомската агенција на ОН - Иран продолжува да збогатува ураниум

Илустративна фотографија - Иранско знаме во иранската нуклеарна централа Бушер.

По неколку месеци забавување на стапката на збогатување ураниум до 60 проценти чистота, Иран сега се приближи до нивото потребно за развој на нуклеарни бомби, објави Меѓународната агенција за атомкса енергија (МААЕ) - организација на Обединетите нации за надзор на нуклеарното оружје.

Многу дипломати веруваат дека забавувањето, кое започна во јуни, е резултат на тајни преговори меѓу САД и Иран, кои доведоа до ослободување на американските граѓани приведени во Иран на почетокот на оваа година, пишува Ројтерс.

Иран веќе има доволно ураниум збогатен до 60 проценти за да направи три нуклеарни бомби.

Видете и ова: Раиси: САД треба јасно да покаже дека сака да се врати на нуклеарниот договор од 2015 година

Според теоретската дефиниција на МААЕ, околу 42 килограми ураниум збогатен до 60 проценти е количината со која не може да се исклучи производство на нуклеарна бомба.

Техеран негира дека планира да развие нуклеарно оружје.

Иран „го зголеми своето производство на високо збогатен ураниум, поништувајќи го претходното намалување на производството од средината на 2023 година“, се вели во соопштението на МААЕ во кое се сумира доверлив извештај на земјите-членки, на кој Ројтерс имаше увид.

„Агенцијата потврдува дека од крајот на ноември 2023 година, стапката со која Иран произведува ураниум збогатен до 60 отсто, во овие два капацитети заедно, се зголемил на приближно девет килограми месечно“, се вели во извештајот до земјите-членки.