Деца и нивната мајка убиени во Франција на Божиќ

Медиумски екипи надвор од зградата каде што се случи масовното убиство, Мео, 26 декември 2023 година.

Полицијата во Франција уапси маж осомничен за убиство на сопругата и четирите деца во напад со нож утрото на Божиќ, соопшти јавниот обвинител.

Нивните тела се пронајдени во понеделникот вечерта во стан во градот Мео, 40 километри североисточно од Париз, пишува Ројтерс.

Локалниот обвинител Жан Батист Бладиер изјави дека мајката и двете ќерки биле толку многу избодени што било невозможно да се утврди бројот на убодните рани.

Двајцата помали сина се чини дека починале од задушување или давење.

Полицијата го приведе 33-годишниот татко на децата во понеделникот вечерта во блискиот град.

Обвинителот отвори истрага за убиствата.

Децата биле на возраст од девет месеци до десет години.

Соседите им кажале на инспекторите дека слушнале врисоци во раните утрински часови на Божиќ. Алармот бил вклучен подоцна во текот на денот откако не добиле никаков одговор од семејството.

Мажот имал историја на ментална болест, рече обвинителот. Тој веќе ја нападнал сопругата со нож во 2019 година. Сопругата не поднела обвинение, а случајот потоа бил отфрлен поради неговото ментално здравје.

Инспекторите пронајдоа медицински досиеја и рецепти за антидепресиви во станот на семејството, рече обвинителот.