Украина размислува за закон за намалување на старосната граница за мобилизација

Украинските војници на 14-та одделна механизирана бригада имаат вечера на Бадник во близина на линијата на фронтот надвор од регионот Купјанск, 24 декември 2023

Нацрт-законот, кој беше објавен на официјалната веб-страница на украинскиот парламент доцна на 25 декември, предвидува намалување на старосната граница за мобилизација во армијата од 27 на 25 години, пренесува Ројтерс.

Нацрт-законот детално прецизира кои украински граѓани ќе бидат предмет на упис во воената регистрација на регрути и дека тоа ќе важи за оние „кои наполниле 25 години“.

Во образложението, потпишано од министерот за одбрана Рустем Умеров, се сумирани клучните одредби од предлог-законот, меѓу кои е „промената на возраста за регрутирање од 27 на 25 години“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција на 19 декември рече дека армијата предложила да се мобилизираат уште 450 до 500 илјади мажи, но дека тоа е „многу чувствително“ прашање, за кое армијата и владата ќе разговараат пред да одлучат дали да го испратат предлогот до парламентот.

Видете и ова: Украина се прашува уште колку ќе издржи без оружјето од Западот

Зеленски, кој допрва треба јавно да го поддржи предлогот, тогаш рече дека сака да слушне повеќе аргументи за мобилизирање дополнителни војници.

„Ова е многу сериозна бројка“, рече Зеленски.

Не е познато колку војници има Украина во моментов на располагање, но претходно се зборуваше за милион луѓе под оружје.

Американските власти проценуваат дека стотици илјади војници се ранети или убиени од почетокот на руската инвазија.

Шефот на клубот на партијата на украинскиот претседател во парламентот, Давид Арахамија изјави дека владата работи на предлог-закон по барање на армијата и дека тој треба да биде претставен пред парламентот.