Јуком: Полициско насилство врз граѓаните на протестот во Белград

Поддржувачите на опозицијата се собираат пред зградата на градскиот совет на Белград додека полицајците стојат зад вратите на градскиот совет за време на протестот во Белград, на 24 декември 2023 година

Комитетот на адвокати за човекови права (Јуком) соопшти дека полицијата употребила насилство врз граѓаните на протестот на 24 декември пред зградата на Собранието во Белград.

Во соопштението на „Јуком“ се наведува дека полицијата несразмерно користела присилни средства.

Со ваквото однесување се повредуваат основните права на граѓаните на слобода и безбедност, како и правото на јавен собир“, пишува во соопштението.

Оваа невладина организација наведува дека насилството на полицијата се докажува и со видео снимки на кои се гледа како неколку полицајци со палки тепаат граѓани кои протестирале и дека се работи за прекумерна употреба на сила.

„Јуком“ посочува дека полицијата е должна да ги врши своите овластувања врз основа на принципот на непристрасност.

„Сите лица лишени од слобода имаат право за тоа да известат блиско лице, да бидат прегледани од лекар без присуство на полициски службеник и имаат право на правна помош“, се додава во соопштението.

Видете и ова: Уапсени демонстранти, повредени полицајци на протестите во Белград

Од „Јуком“ дека средствата за присилба можат да се применат само во услови пропишани со закон и пропорционално на потребата поради која се преземени.

„Јуком“ побара од надлежното обвинителство и од Заштитникот на граѓаните да го истражат однесувањето на полицијата кон граѓаните на протестот на 24 декември.

Речиси 40 демонстранти беа уапсени за време на протестот на опозициската коалиција „Србија против насилството“ на 24 декември во Белград, откако група маскирани лица се обиделе да влезат во белградското Собрание.

Во таа прилика биле искршени прозорците и влезните врати, додека полицијата која била внатре во зградата употребила солзавец и бибер спреј. Полицијата соопшти дека во инцидентите се повредени седум полицајци.

Видете и ова: Студентите во Србија бараат отворање на избирачкиот список и најавуваат блокади

Коалицијата „Србија против насилството“ објави дека инцидентите на протестот на опозицијата во Белград во неделата биле предизвикани од „хулигани испратени од власта“.

Опозицијата протестира уште од изборите на 17 декември, тврдејќи дека тие биле украдени од владејачката Српска напредна партија, меѓу другото, со фиктивно регистрирање на нивните гласачи од Србија и од странство на адреси во Белград.