Орбан тврди дека ја прифатил поканата за билатерална средба со Зеленски

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека ја прифатил поканата од украинскиот претседател Володимир Зеленски да одржи билатерална средба, која ќе биде прва меѓу двајцата лидери откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина.

Орбан на прес-конференција во Будимпешта на 21 декември рече дека се согласил со предлогот на Зеленски за идна средба за време на краткиот разговор на 10 декември на маргините на церемонијата на положување заклетва на новиот претседател на Аргентина.

Тој изјави дека му рекол на Зеленски дека „ќе му стои на располагање“, откако Зеленски предложил да разговараат за амбициите на неговата земја да се приклучи на Европската унија.

На самитот на ЕУ минатата недела, Орбан спречи усвојување на пакетот помош од ЕУ за Киев од 50 милијарди евра (54,7 милијарди долари). Орбан беше единствениот лидер кој се спротивстави на ова, со што ја блокираше помошта бидејќи ЕУ бара едногласност меѓу нејзините членки.

Видете и ова: За Украина 1,5 милјарди евра од ЕУ

Орбан на прес-конференцијата рече дека неговата влада продолжува да се спротивставува на опсегот и временската рамка на предложеното финансирање за Украина, сугерирајќи дека ќе ја задржи својата позиција кога лидерите на ЕУ повторно ќе се сретнат во февруари.

Претходно на 21 декември, украинскиот премиер Денис Шмихал рече дека Киев ја добил последната помош од ЕУ од 1,5 милијарди евра од претходно одобрениот пакет од 18 милијарди евра од Европската унија, бидејќи останата помош од Западот останува под сомнеж.

„Денес ги добивме последните 1,5 милијарди евра од пакетот финансиска помош од 18 милијарди евра. Се надеваме на континуирана непоколеблива поддршка од ЕУ“, рече Шмихал на социјалната мрежа X, порано Твитер, на 21 декември.

Покрај ова, ЕУ денеска го одобри и 12-от пакет санкции против Русија поради инвазијата на Украина.