В петок ќе се знае кој ќе дојде на местото на Јовески, но само како в.д обвинител

Љубомир Јовески, државен обвинител

Вршител на должност кој ќе го замени актуелниот државен јавен обвинител ќе се бира в петок, на 22 декември.

Советот на јавни обвинители треба да избере вршител на должноста кој ќе го замени јавниот обвинител Љубомир Јовески, на кого на 25 декември му истекува мандатот.

Вршителот на должност ќе се избере од редот на републичките обвинители и тој ќе биде на оваа функција до изборот на нов републички јавен обвинител за кого постапката е во тек.
Законот предвидува доколку на актуелниот му истече мандатот или е разрешен, Советот на јавни обвинители во меѓувреме треба да назначи вршител на должност, но тој не смее да ја извршува функцијата подолго од шест месеци.

Актуелниот обвинител Јовески стапи на функцијата на 25 декември 2017 година, а дојде на местото на Марко Зврлевски кој беше разрешен во август истата година.

Во меѓувреме трае процедурата за избор на нов обвинител. На огласот за нов обвинител, пак, пријавени се тројца кандидати - Лидија Раичевиќ, Фатиме Фетаи и Љупчо Коцевски. Но нивниот избор може да потрае, па затоа во меѓувреме се бира вршител на должноста, кој ќе го наследи Јовески.

Кандидатурите на тројцата обвинители од Собранието ги доставиле до Владата која, според Законот за јавно обвинителство, ќе треба да се обрати за мислење до Советот на јавни обвинители.

Ова тело треба да даде образложено позитивно или негативно мислење во рок од 15 дена. Од оправдани причини овој рок може да се продолжи за 15 дена. Од оние за кои Советот дал позитивно мислење, Владата ќе треба да избере еден и да го предложи до Собранието кое на пленарна седница го избира со мнозинство гласови.

Видете и ова: Две обвинителки и еден обвинител во трка за столчето на Јовески

Советот на јавни обвинители може и воопшто да не даде мислење, но во таков случај ќе се смета дека тоа е позитивно. Во случај за сите кандидати да даде негативна оценка, тогаш Владата ќе треба да му предложи на Собранието да го повтори огласот и постапката да почне од почеток.

Инаку, на денешната седница на Советот на јавни обвинители обвинителката Лиле Стафанова е избрана за обвинител во Републичкото обвинителство. Таа досега беше во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а беше дел и од некогашното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа водеше високопрофилни случаи на осомничени за корупција и криминал, а единствен активен предмет кој го води сега е „Титаник“ за изборни нерегуларности сторени во време на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај Стефанова, избран е и Наум Пановски од скопското Вишо обвинителство.