Столтенберг: Сигурноста на Косово е клуч за стабилноста на Западен Балкан

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека одржувањето на мирна и безбедна средина во Косово е клучно за стабилноста на поширокиот регион на Западен Балкан.
Во говорот за крајот на годината објавен на социјалната мрежа Х, шефот на воената алијанса рече дека тензиите во Западен Балкан растат.

„Живееме во поопасен свет. Тоа е сеопфатната војна во Европа и новата војна на Блискиот Исток. Тензиите растат на Западен Балкан. Бруталниот тероризам продолжува, а климатските промени поттикнуваат конфликти. Не може да има безбедност без силна одбрана. И нема силна одбрана без способна војска“, рече Столтенберг.

Оваа година НАТО испрати стотини дополнителни војници во својата мировна мисија на Косово - КФОР.

Видете и ова: Министрите на НАТО ќе разговараат за трајно зголемување на бројот на војници во Косово

Овој потег уследи по немирите откако албанските градоначалници ја презедоа функцијата во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово, кога десетици војници на КФОР беа повредени за време на протестите на локалните Срби кои ги бојкотираа локалните избори во април. Испраќање дополнителен број војници имаше и по инцидентот во Бањска во септември, кога вооружени групи Срби ја нападнаа косовската полиција, убивајќи еден полицаец.

Мисијата на НАТО во моментов има повеќе од 4.600 војници во Косово.

„Во овој период од годината, мојата најдлабока благодарност и почит оди до нашите сили на НАТО. Без вас, немаше да има НАТО, безбедност и слобода. Нивната служба нè прави безбедни и слободни“, рече тој.