Бугарија донесе измени на Уставот, се ограничува политичкото влијание на претседателот

Kопретседателот на „Продолжуваме со промената“ Кирил Петков и претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов.

За само шест месеци владејачкото мнозинство во Бугарија подготви и донесе измените на Уставот, за кои се зборуваше со години.

Измените предвидуваат бугарските пратеници и министри да можат да имаат и други државјанства. Врховниот судски совет ќе се подели на два дела. Понатаму, не секој избран од претседателот ќе може да биде вршител на должноста премиер. А Националното собрание (НА) нема да се распушти кога нема да избере влада.

Во Бугарија кога Парламентот нема да успее да создаде влада, задачата му се префрла на претседателот. Тој назначува кабинет со премиер и министри по негова дискреција.

Досега немаше ограничување кои би можеле да бидат луѓе во ваков кабинет, но сега, со уставните измени, премиер нема да може да стане кој било, со што ќе се намали политичкото влијание на претседателот.

Помеѓу 2021 и 2023 година, во Бугарија на власт беа четири преодни влади на претседателот Румен Радев.

Видете и ова:

Радев: Уставните измени не се бугарски барања, туку европски

Измените во Уставот му даваат право на Народното собрание да ги ограничи овластувањата на официјалните кабинети.

Овие и други измени ќе бидат дел од Уставот на Бугарија.

Измените беа предложени од „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), ГЕРБ и ДПС, а беа усвоени во средата. Вкупно 165 пратеници ги поддржаа уставните амандмани од ГЕРБ, ПП-ДБ и ДПС. „Против“ беа 71 пратеник од „Вазраждане“ (Преродба), БСП и „Има таков народ“.

Сепак, уставните измени ќе бидат оспорени пред Уставниот суд од партиите кои се противат на измените.

Уставот е главниот закон на државата. Тој е над сите други закони што ги донесува Парламентот.

Сегашната влада на ПП-ДБ и на ГЕРБ дојде на власт во јуни со ветување за уставни промени кои ќе се фокусираат на судството, на ограничување на овластувањата на јавниот обвинител и на политичкото влијание на претседателот.