Сојузот на синдикатите го поддржа протестот на вработените во Државниот испитен центар, кои повеќе од шест месеци бараат зголемување на платите за 25 отсто и измена на колективниот договор.
„Револтот на нашите колеги е оправдан. Ветувањата на институциите во минатото не беа исполнети, а сега ги убедуваат да го почекаат новиот закон за административни службеници и тоа би значело дека во март повторно нема да им се зголемат платите. Манипулацијата е несериозна од претставниците на власта. Малиот број луѓе вработени тука може да стане проблем во образованието“, рече претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Видете и ова: Штрајкот на Државниот испитен центар продолжува, државната матура неизвесна
Последниот одговор што Државниот испитен центар го добил од Министерството за финансии укажува на системско решение, што би зналечо дека ќе треба да чекаат до март 2024 година, а од Државниот испитен центар појаснуваат дека со оглед на тоа што институциите зборуваат за нов закон за административни службеници за кој немало јавна дискусија, никој не знае што пишува во законот и се се сведува на манипулација.
Од почетокот на штрајкот вработените во Државниот испитен центар добија 10 проценти покачување, но платата се уште е далеку од нивните очекувања.
Велат дека се работи за само 29 вработени, а работата што ја работат е сериозна и одговорна.
Од надлежните институции, Министерството за образование и Министерството за финансии очекуваат дека ќе имаат слух и ќе седнат на преговори. Генерално, на средбите сите се согласуваат дека платите во Државниот испитен центар се ниски, но договор сѐ уште нема.