Путин предупредува на неодредени „проблеми“ со Финска

Фински граничари ги придружуваат мигрантите на границата со Русија во градот Сала во северна Финска, 23 ноември 2023 г.

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди на неодредени „проблеми“ со Финска и рече дека наредил формирање на нова воена област во регионите што граничат со нордиската нација.

Коментарите, дадени во интервјуто што ќе биде емитувано на 17 декември, доаѓаат додека се зголемуваат тензиите меѓу двата соседа, како резултат на целосната инвазија на Русија на Украина од февруари 2022 година и последователната одлука на Финска да се приклучи на НАТО.

Во последниве недели, Финска целосно ги затвори граничните премини со Русија поради напливот од имигранти, главно од Блискиот Исток, кои се обидоа да ја преминат границата. Многу од нив бараа и азил.

Видете и ова:

Финска повторно ќе ја затвори границата со Русија за барателите на азил

Времето и бројот на имигранти кои се собраа на неколку гранични премини го зајакна тврдењето на Финска дека руските власти намерно ги охрабруваат мигрантите да патуваат во Финска во обид да ја дестабилизираат земјата.

Финска накратко отвори два гранични премини на почетокот на минатата недела, но ја повлече таа одлука еден ден подоцна.

„Имаме докази кои покажуваат дека, за разлика од порано, руските гранични власти не само што ги пуштаат луѓето без соодветна документација кон финската граница, туку и активно им помагаат да стигнат до граничната зона“, изјави финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен за „Асошиетед прес“ претходниот месец.

Финска ја промени својата долгогодишна политика на неутралност по инвазијата на Москва на Украина и стана 31-ва членка на НАТО на почетокот на оваа година. Оттогаш, Финска ја засили воената обука на резервните единици и граничниот надзор, дозволувајќи им и на авионите на НАТО да патролираат во граничниот воздушен простор, што ја налути Русија.

Во делови од интервјуто со репортер на државната телевизија, Путин исто така рече дека Западот ја „вовлекол“ Финска во НАТО. Всушност, финското јавно мислење остро се промени во корист на членството во НАТО по инвазијата на Украина.

Тој, исто така, рече дека повторно го воспоставува Ленинградскиот воен округ, административен потег за кој вели дека може да доведе до трупање војници во регионите источно од Финска.

„Дали имавме некакви спорови со нив? Сите спорови, вклучително и територијалните од средината на 20 век, се решени одамна“, рече Путин. „Таму немаше никакви проблеми. Сега ќе има, бидејќи ќе го создадеме Ленинградскиот воен округ и таму ќе концентрираме одредена количина воени единици“.

Видете и ова:

Финска и Естонија ја обвинуваат Русија дека користи мигрантите како дел од „хибридна војна“

Финските власти не одговорија веднаш на изјавата на Путин.

Путин беше прашан и за забелешките на американскиот претседател Џо Бајден, кој претходно овој месец тврдеше дека Русија ќе нападне земја од НАТО доколку победи во Украина.

„Тоа е целосна глупост и мислам дека претседателот Бајден го разбира тоа“, рече Путин. „Русија нема причина, нема интерес, нема геополитички интереси, ниту економски, политички ниту воени, да се бори со земјите од НАТО“.