Во 2024 година ќе се започне со скрининг за рак на дебелото црево, најавуваат од Министерството за здравство (МЗ).
Планирано е овој скрининг да се прави исклучиво на Клиниката за гастроенертохепатологија, согласно стандардите и директивите на ЕУ.
„Сите овие директиви во форма на задачи беа зададени на МЗ според коешто беа приспособувани во сите три скрининг програми во текот на годината. Ќе има комплетно нова амбуланта финансирана од МЗ, нов комплетен колоноскопски кабинет, комплетна опрема, додека во однос на кадар клиниката веќе располага со квалитетен и обучен кадар“, велат од Министерството.
Видете и ова: „Розов“октомври: Задолжителните контроли се невозможна мисија
Во земјава постои превентивна програма за детекција и скрининг на малигни заболувања, која опфаќа скрининг за рак на дојка, како и на грлото на матката.
За скрининг за рак на дојка, посочуваат од МЗ, во изминативе две години биле набавени голем број апарати и опрема односно дигитална мамографија за болниците во Куманово, Струмица, Дебар и Тетово, како и во Општата болница „8 Септември“ и на Институтот за радиологија.
Според анализата на податоците на МЗ за кампањата за скрининг, биле пријавени 10 000 пациентки, а реализирани се 4 900 скрининг мамографии. Здравствените власти апелираат жените што ги добиваат пораките преку пријавениот телефонски број, да ги почитуваат дадените термини и локација, а доколку не се во можност да одат да ги откажат своите термини, бидејќи го зафаќаат терминот на други кои сакаат да бидат вклучени во програмата.