Метју Пери починал од давење и од ефектите од кетаминот

Актерот беше пронајден мртов на 28 октомври 2023 г.

Смртта на американскиот актер Метју Пери е несреќа која била предизвикана од „акутните ефекти на кетаминот“, потврдија лекарите во Лос Анџелес.

Актерот беше пронајден мртов во базенот на неговиот дом во Лос Анџелес во октомври, но обдукцијата тогаш не даде уверливи резултати.

Давењето, исто така, се наведува како фактор кој придонесол за неговата смрт.

Метју Пери беше најпознат по улогата на Чендлер Бинг во ситкомот „Пријатели“.

Серијата го следеше животот на шест млади пријатели кои живеат во Њујорк, а се емитуваше од 1994 до 2004 година. Последната епизода ја гледаа 52,5 милиони во САД, што ја прави најгледана ТВ епизода во 2000-тите.

Видете и ова: Почина холивудскиот актер Метју Пери

Други причини кои придонесле за смртта на 54-годишниот актер, според обдукцијата, се посочуваат коронарна артериска болест и ефектите на бупренорфинот, кој се користи за лекување на нарушувања при зависност од опиоиди, се вели во соопштението на медицинскиот тим во Лос Анџелес.

Метју Пери беше пронајден во бессознание во неговиот дом на 28 октомври, а лекарите, кои беа повикани на лице место, само ја констатираа смртта.

Еден ден подоцна, од кабинетот на лекарот-истражител посочија дека случајот е „одложен“ што обично значи дека обдукцијата е завршена, но потребни се повеќе детали.