Холандскиот суд одби да го блокира извозот на делови за борбени авиони за Израел

Илустрација, авион Ф-35

Судот во Холандија го отфрли барањето на групите за човекови права да ја блокира владата да извезува делови од борбени авиони Ф-35 во Израел.

Групите за човекови права тврдат дека авионите овозможуваат воени злосторства во Газа.

Судиите во Окружниот суд во Хаг рекоа дека мора да и остават на холандската влада голем степен на слобода кога станува збор за одмерување на политичките прашања во одлуките за извоз на оружје.

Видете и ова:

Израел ја продолжува офанзивата на Газа во војна за која вели дека ќе трае „со месеци“


Групите за човекови права тврдат дека Израел користел авиони Ф-35, за кои Холандија испорачувала резервни делови, во големите бомбардирања во Газа кои би можеле да претставуваат воени злосторства.

Во првата пресуда во светот за извоз на оружје во Израел по нападот на 7 октомври од страна на палестинската милитантна група Хамас што ја предизвика војната, холандските судии сметаат дека е веројатно дека F-35 придонеле за наводното кршење на законите за војна.

„За сите што ги виделе сликите од вооружениот конфликт, ги прочитале вестите и ги слушнале коментарите на израелските министри за реакцијата на терористичкиот напад на 7 октомври, се чини очигледно дека има прекршување на хуманитарното право“, се вели во пресудата.

Групите за човекови права рекоа дека сигурно ќе се жалат на пресудата.

Видете и ова:

Се зголемува притисокот врз Израел да направи повеќе за да го заштити населението во Газа


Холандија е дом на едно од неколкуте регионални магацини за деловите на Ф-35 во сопственост на САД, кои потоа се дистрибуираат во други земји - вклучувајќи го и Израел во најмалку една пратка од нападот на Хамас на 7 октомври.

Израел ја продолжи својата офанзива во Појасот Газа во петокот откако му кажа на својот клучен сојузник Соединетите Држави дека војната за уништување на Хамас ќе трае „повеќе од неколку месеци“.

Војната почна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври во кој загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили, според израелските власти. Ветувајќи дека ќе го уништи Хамас и ќе ги врати дома околу 240 заложници земени од милитантите во Газа, Израел започна воена офанзива.

Според Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, повеќе од 18. 700 луѓе, главно жени и деца, загинале во војната.