Во Скопје во средата на 64 години ненадејно почина Искра Чоловиќ, новинар на Македонското радио - Радио Скопје и познат македонски публицист. Беше родена е на 14 јануари 1960 година во Скопје, каде што заврши основно и средно образование, а дипломираше на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на групата историја на уметноста со археологија.
Во Радио Скопје се вработи во 1986 година како спикер и набргу израсна во еден од столбовите на македонското радиоспикерство. Во својата 22-годишна спикерска кариера, покрај презентацијата на вести и информации во информативните емисии на Македонското радио, таа имаше снимено повеќе илјади документарни прилози и емисии кои се дел од богатата и непроценлива аудио-документација на Македонското радио.
Од октомври 2006 година беше новинар во Детско-образовната редакција на Македонското радио - Радио Скопје.
Чоловиќ беше и позната македонска публицистка. Таа беше автор, коавтор или приредувач на 14 книги од областа на литературата, културата и меѓукултурниот, меѓуцивилизацискиот и меѓурелигискиот дијалог.
Погребот на Чоловиќ ќе биде извршен во недела (17 декември) на Градските гробишата Бутел во Скопје во 13:30 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 12 до 13 часот.