Финска повторно ќе ја затвори границата со Русија за барателите на азил

Граничен премин меѓу Финска и Русија

Финска повторно ќе ја затвори целата своја граница со Русија за да го запре приливот на баратели на азил, рече министерката за внатрешни работи Мари Рантанен на 14 декември само неколку часа откако Финска стави крај на двонеделното затворање на сите патишта меѓу двете земји.

Според финските власти неодамнешниот пораст на баратели на азил е оркестриран потег на Москва, како одмазда за нејзината одлука да ја зголеми соработката во одбраната со Соединетите Американски Држави, обвинение што Кремљ го негира.

Приливот престанаа кога Финска ја затвори границата кон крајот на ноември, но продолжи кога два од осумте премини беа повторно отворени, соопшти финската гранична контрола.

„Ова е знак дека руските власти ја продолжуваат својата хибридна операција против Финска. Ова е нешто што Финска нема да го толерира“, се вели во соопштението од министерката Рантанен.

Новото затворање на границата ќе започне во петок во 18:00 часот по Гринич и ќе трае еден месец, рече таа.

Околу 900 баратели на азил од земји како Кенија, Мароко, Пакистан, Сомалија, Сирија и Јемен влегле во Финска од Русија во ноември, што е зголемување од претходно кога имало и помалку од еден барател на ден, наведува Граничната стража.

Видете и ова: Финска ќе отвори два гранични премини со Русија, но останатите остануваат затворени

Во писмото објавено во понеделникот, Советот на Европа изрази загриженост за правата на бегалците, барателите на азил и мигрантите по привременото затворање на границите и побара од Финска да осигура дека и понатаму е можно да се бара заштита.

Рантанен, кој ја претставува антиимиграциската партија на Финците, во понеделникот изјави за Ројтерс дека нема причина за загриженост за човековите права, бидејќи азил може да се бара на други влезни места во земјата.

За време на двонеделното затворање на границата со Русија, Финска сепак дозволи да се поднесуваат барања за азил за мигрантите кои пристигнуваат на пристаништата и аеродромите.