Четворица членови на исламистичката милитантна група Хамас, која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, се приведени под сомнение дека планирале напади врз еврејски институции во Европа, соопштија германските обвинители на 14 декември.
Тројца од осомничените се приведени во Берлин, а четвртиот во Холандија.
Холандскиот државјанин Назих Р. беше уапсен од полицијата во Ротердам, додека Абделхамид Ал А. и Ибрахим Ел-Р, родени во Либан, како и египетскиот државјанин Мохамед Б, беа уапсени во германската престолнина, велат тие.
Сите четворица се долгогодишни членови на Хамас со блиски врски со раководството на воениот огранок на групата, соопштија обвинителите.
Абделхамид Ал А добил задача од водачите на Хамас во Либан да набавува оружје. Оружјето требаше да биде однесено во Берлин и да се чува на подготвеност за потенцијални терористички напади врз еврејските институции, соопштија обвинителите.
Видете и ова: Израел продолжува да ја бомбардира Газа и покрај меѓународниот притисок„По ужасните напади на Хамас врз израелското население, нападите врз Евреите во еврејските институции се зголемени и во нашата земја во последните недели“, рече германскиот министер за правда Марко Бушман во изјавата за притворените.
„Затоа мораме да направиме сè што можеме за да се осигураме дека Евреите во нашата земја нема повторно да се плашат за својата безбедност“, рече тој.
Европските власти предупредија на зголемен ризик од напади на исламистите радикализирани од војната меѓу Израел и Хамас.