Истрага против 11 лица за уривање на хотелот „Шар Ан“, објект од културното наследство

Апсење на група лица осомничени дека противправно го урнале и го уништиле хотелот „Шар Ан“ во Старата скопска чаршија, објект од културното наследство во Северна Македонија, Скопје, 13.12.2023

Јавното обвинителство донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомневање дека противправно го урнале и го уништиле хотелот „Шар Ан“ во Старата скопска чаршија, објект од културното наследство во Северна Македонија, соопштија од Обвинителството.

Полицијата приведе девет осомничени лица, а по две лица се трага, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Шестмина се товарат за кривични дела „злосторничко здружување“ и „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, а петмина за делото „злоупотреба на службената положба и овластување“.

„Четворицата првоосомничени во периодот од октомври 2022 до септември 2023 година создале група на која припадници станале останатите осомничени. Првоосомничениот како претседател на Одбор на директори на акционерско друштво, со намера за себе и за останатите членови на групата да прибави противправна имотна корист, не ги извршил своите службени овластувања и предизвикал штета на Буџетот на РСМ од значителна вредност. Тој, иако знаел дека Хотел „Шар Ан“, е културно наследство и е дел од заштитена споменичка целина и не може да биде предмет на продажба, не ги презел своите законски овластувања за заштита на објектот, туку побарал од дел од припадниците на групата да извршат негово противправно рушење и уништување“, соопштија од Обвинителството.

Видете и ова:

Опожарената Пошта цела деценија чека пари за поправка


Четворица припадници на групата како градежни работници без да поседуваат документација го урнале хотелот, а останатите, во својство на службени лица, не го спречиле уривањето.

Второосомничениот пак, според Обвинителството, до Агенцијата за катастар на недвижности поднел пријава за запишување на промена – бришење на срушен објект, па кон пријавата приложил изјава за правна заинтересираност за купопродажба на катастарска парцела и Геодетски елаборат. Геодетскиот елаборат бил изработен од правно лице, сопственост на сопруга на еден од осомничените – поранешен заменик директор на Агенцијата за катастар на недвижност.

Видете и ова:

Влада: Во Старата чаршија запазени процедурите

Осомничените во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје.

Претходно денеска, полицијата изврши претреси кај 11 физички лица (10 во Скопје и едно во Тетово и во девет фирми. МВР соопшти дека е пронајдена и одземена документација, мобилни телефони, СИМ картички, УСБ уреди, растителна материја, два пиштоли, муниција и пари во различни валути.