Сајбер-специјалисти му помагаат на „Киевстар“ да го обнови сигналот по хакерскиот напад

Продавницата на „Киевстар“, украинска телекомуникациска компанија во Киев, 12 декември 2023 година

Сајбер-специјалисти од Службата за безбедност на Украина (СБУ) му помагаат на мобилниот и интернет оператор„Киевстар“ во напорите да ја врати услугата по разорниот хакерски напад вчера, на 12 декември.

Операторот соопшти дека интернетот за домаќинствата треба да биде целосно обновен денеска (13 декември), по што ќе следи делумно рестартирање на мобилните телефони и интернет услугите.

Видете и ова: Сајбер напад врз најголемиот мобилен оператор во Украина, услугата со часови била во прекин


Од СБУ велат дека бавното темпо на поправките е последица на големата штета на дигиталната инфраструктура на „Киевстар“ и дека одговорноста за нападот ја презеле хакери од руската воена разузнавачка служба ГРУ.

„Киевстар“ е најголемиот украински мобилен оператор со околу 24 милиони претплатници. Сајбер нападот, наводно, оставил повеќе од 24 милиони претплатници без услуга. Плаќањата со картички беа оневозможени низ Украина, бидејќи системот на „Киевстар“ е критичен за плаќањата со картички во повеќето комерцијални продавници.

Видете и ова: Спречен руски хакерски напад врз информацискиот систем на украинските сили

Прес-службата на Украинската безбедносна служба за РСЕ потврди дека започнала истрага за сајбер-нападот, посочувајќи дека предмет на истрага е „недозволеното мешање во активностите на социјалните мрежи, создавање малициозен софтвер, нарушување на територијалниот интегритет на Украина, велепредавство, саботажа, водење на агресивна војна, кршење на законот за војна и учество во активности на криминална група“.

Русија постојано се обидуваше да користи сајбер напади против Украина од почетокот на нејзината целосна инвазија во февруари минатата година, додека истото го правеше и Киев.