Постапката за екстрадиција на Палевски може да трае со месеци

Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска (14) од Скопје и на Панче Жежовски (74) од Велес

Неколку месеци може да трае постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски од Турција, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, кој е во 40-дневен екстрадициски притвор во Турција, информираа од Министерството за правда на брифингот со новинарите денеска(13.12).

Оттаму велат дека македонската страна во експресно краток рок завршила со подготовката за испараќање на барањето за екстрадиција и сега се зависи од турските власти.

„Од дента кога се апсеше бевме во координација со СМПС-Интерпол, како и со Основното јавно обвинителство - Скопје. Во 9:20 часот го добивме официјалното известување од МВР и отворивме предмет. Барањето за екстрадиција беше подготвено, министерот го потпиша и истиот ден беше преведено. Пред тоа да го направиме, побаравме веднаш да биде задржан во притвор за екстрадиција“, велат од Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда.

Видете и ова: Лога се надева на релативно брза екстрадиција на Палевски од Турција

Министерството за правда на Турција вчера потврдило дека го добило барањето за екстрадиција.

Од македонското Министерство за правда напоменуваат дека во Турција имаат и до 100 барања за екстрадиција дневно, заради големината на државата со популација од 80 милиони жители, која се граничи со држави како Сирија и Ирак. Не исклучуваат и дека Палевски ќе ги искористи сите средства што му се на располагање за да не биде испорачан и дека ќе се жали на притворот, дури и на „секоја точка и запирка“ на секоја одлука додека трае процедурата.

Министерството за правда апелира да не се политизира случајот, затоа што тоа може да му наштети на процесот. Апелираат политичките партии, политичарите и функционерите да се воздржат од коментирање и собирање на политички поени додека трае овој процес.

И претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, вчера испратил пораката до кабинетот на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган во врска со екстрадицијата на Љупчо Палевски. Во врска со содржината на пораката, од кабинетот на Пендаровски не соопштуваат повеќе детали.

Видете и ова: Министерство за правда го испрати барањето за екстрадиција на Палчо

Вања Ѓорчевска беше киднапирана и убиена заради изнуда на пари, како што кажаа министерот Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прес-конференција на 4 декември. Нејзиното тело беше пронајдено по седумдневна потрага, ден претходно, на 3 декември, во близина на скопското село Бразда.

Истиот ден (3 декември) беше пронајдено и безживотното тело на пензионерот Панче Жежовски од Велес. Според Спасовски, неговото убиство не е поврзано со убиството на Вања, туку неговото возило, кое подоцна беше запалено, било користено за грабнување на Вања.

Во случајот со двете убиства, првоосомничен е Љупчо Палевски кој првично беше во бегство. Во моментов тој се наоѓа во екстрадициски притвор и во тек е постапката за негова екстрадиција во земјава. Барањето за екстрадиција доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во градот Баликесир во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница.

Видете и ова: Палчо - од сомнителен градежник, нереализиран политичар, до осомничен убиец


Палевски е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и за две убиства на свиреп начин. Како соизвршители за истите дела се гонат уште три лица кои беа приведени на 3 декември. Петтиот осомничен е таткото на Вања од кого, според првичните сознанија од исказите на останатите осомничени, Палевски добил информации кога девојчето ќе биде само.

Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември. Нејзиното тело беше пронајдено 3 декември во близина на Скопје. Во близина на Велес, пак, истиот ден беше пронајдено телото на Жежовски кој исчезна на 22 ноември.