Десетици повредени лица во руски ракетен напад на Киев

Најмалку 53 лица, вклучувајќи и девет деца, повредени се во најновиот руски ракетен напад на Киев рано во средата и покрај тоа што се соборени сите ракети, соопштија официјални лица.

Повредите се предизвикани од остатоци од соборените проектили, соопшти итната помош, додавајќи дека 18 жртви, меѓу кои и неколку деца, се хоспитализирани, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Украинската противвоздушна одбрана претходно објави дека ги соборила сите 10 балистички ракети лансирани од Русија кон Киев. Властите соопштија дека урнатините паднале во четири области на главниот град.

Во киевскиот округ Днепар водоснабдувањето е привремено прекинато поради штетата која настанала по падот на соборената ракета, соопшти градоначалникот на Киев Виталиј Кличко.

Додека претседателот Володимир Зеленски е во посета на западните земји за да ја зголеми воената помош на земјата, неговиот шеф на кабинет, Андриј Јермак, ја поздрави работата на украинската противвоздушна одбрана и ја истакна потребата за дополнителни системи на противвоздушна одбрана на западното производство.

Видете и ова: Зеленски во Норвешка за обезбедување понатамошна поддршка од нордиските земји за Украина

„Не можеме да се сомневаме во ефикасноста на западното оружје во рацете на украинските војници“, напиша Јермак на Телеграм.

Покрај ракетниот напад на Киев, 10 дронови со иранско производство се соборени над јужниот регион на Одеса, соопшти противвоздушната одбрана.

По падот, остатокот од еден дрон во автосервис во Одеса, избил пожар и две лица се повредени, се додава во соопштението.

Видете и ова: Сајбер напад врз најголемиот мобилен оператор во Украина, услугата со часови била во прекин

На бојното поле пак, руските сили продолжија со жестоки напади на украинските позиции во градот Авдијивки во областа Доњецк, кој московските сили безуспешно се обидуваат да го освојат со месеци.

Генералштабот на украинската војска соопшти дека од вкупно 73 борби од близина кои ги воделе украинските сили во изминатите 24 часа, 37 се одвивале токму во областа околу Доњецк.