Финска ќе отвори два гранични премини со Русија, но останатите остануваат затворени

Граничен премин помеѓу Финска и Русија (Илустративна фотографија)

Финската влада денеска соопшти дека до крајот на неделата повторно ќе отвори два гранични премини со Русија, откако на крајот на ноември затвори осум гранични премини меѓу двете земји за, како што информираше тогаш, да се спречи зголемен прилив на баратели на азил.

Финскиот премиер Петери Орпо на прес-конференција рече дека Владата, без укинување на ограничувањата, не може да провери дали има промена на подобро, како и тоа дека граничните премини, доколку продолжи зголемениот прилив на баратели на азил од Русија, повторно ќе бидат затворени.

Сепак Орпо истакна и дека покрај отворањето на овие два гранични премини, останатите и натаму ќе останат затворени.

Видете и ова: Финска целосно ќе ја затвори границата со Русија

Финска веќе извесен временски период ја обвинува Москва дека ги насочува мигрантите кон нејзината граница, нешто што таа го негира.

Хелсинки тврди дека руските власти претходно не дозволувале преминување на граѓаните без потребните документи, но без објаснување ја прекинале оваа пракса.