Парламентот на Полска го избра Доналд Туск за премиер

Доналд Туск

Полскиот парламент на 11 декември го избра лидерот на центристичката партија Доналд Туск за премиер, отворајќи го патот за нова про-ЕУ влада по осум години бурно национал-конзервативно владеење.

Туск стана премиер речиси два месеци по националните избори на кои победи коалицијата на партии, од левичарски до умерени конзервативни. Партиите на изборите учествуваа одделно, но ветија дека ќе работат заедно под водство на Туск за да ги обноват демократските стандарди и да ги подобрат врските со сојузниците.

Претходно денеска Парламентот му изгласа недоверба на полскиот премиер Матеуш Моравјецки, со што се отвора патот власта да ја преземе широката коалиција на проевропските партии предводена од Доналд Туск.

Видете и ова: Полскиот премиер Моравјецки изгуби на гласањето за доверба, отворајќи му го патот на Доналд Туск

Досегашната владејачка партија „Право и правда“, беше критикувана дека ја поткопа судската независност, ги претвори државните медиуми во пропаганден медиум и поттикна предрасуди против малцинствата како што се имигрантите и ЛГБТ заедницата.

Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, вети дека ќе ги поправи односите на Варшава со Брисел и ќе ги деблокира милијардите средства наменети за Полска, а кои се задржани поради загриженоста за владеењето на правото.