ЕУ воведе санкции за иранската индустрија за дронови

Ирански дронови

Европската унија (ЕУ) на 11 декември соопшти дека вовела санкции за шест поединци и пет ентитети за кои вели дека се вклучени во „развојот и производството на беспилотни летала што се користат во нелегалната војна на Русија“.

„Ова се првите списоци во нововоспоставената рамка за рестриктивни мерки во поглед на воената поддршка на Иран на руската агресивна војна против Украина. Тие ги надополнуваат претходните четири рунди на списоци на ирански беспилотни летала, кои се веќе усвоени под други режими на санкции“, се додава во соопштението на ЕУ.

Санкционирани се компании и нивни шефови кои произведуваа компоненти за дронови, нудат услуги за воздухопловно инженерство и компании кои и помагаат на Иранската револуционерна гарда да ја подобри програмата за беспилотни летала.

На они кои се опфатени со санкциите ќе им биде замрзнати имотот и нема да можат да патуваат во Европската унија.

Видете и ова: Нови руски напади врз повеќе украински региони

Дополнително, забрането е обезбедувањето средства или економски ресурси, директно или индиректно, на или во корист на физичките или правните лица, субјекти или наведени тела, стои во соопштението.

Европската унија претходно остро ја осуди и ја смета за неприфатлива секоја воена поддршка од страна на Иран, вклучително и испорака на беспилотни летала за нелегалната, неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина.