Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изгуби на гласањето за доверба, со што се отвора патот власта да ја преземе широката коалиција на проевропските партии предводена од Доналд Туск.
Со ова гласање всушност се става крај на осумгодишното владеење на националистичката партија „Право и правда“, за која критичарите велат дека ја поткопа судската независност, ги претвори државните медиуми во пропаганден медиум и поттикна предрасуди против малцинствата како што се имигрантите и ЛГБТ заедницата.
Видете и ова: Седница на новиот состав на полскиот парламентТуск, поранешен претседател на Европскиот совет, вети дека ќе ги поправи односите на Варшава со Брисел и ќе ги деблокира милијардите средства наменети за Полска, а кои се задржани поради загриженоста за владеењето на правото.
Во Парламентот гласаа 456 пратеници, од кои 266 гласаа дека немаат доверба во премиерот Матеуш Моравјецки. Тој доби поддршка од 190 пратеници.
Видете и ова: Полска ќе ги добие суспендираните средства од ЕУОд партијата „Право и правда“, велат дека за време на своето владеење го бранеле суверенитетот и традициите на Полска од странско мешање, истовремено подобрувајќи го животниот стандард за милиони Полјаци со воведување социјални бенефиции и зголемување на минималната плата.
Постоеше огромен интерес за работата на полскиот парламент од изборите на 15 октомври, на кои мнозинството му беше дадено на сојузот на партиите на чело со Туск, се зголемија и претплатите на каналот на Собранието на Јутјуб.
Одредени седници привлекоа повеќе од милион гледачи на платформата, а едно кино во Варшава дури одлучи да ја прикаже сесијата во понеделник на големото платно, привлекувајќи толку голем интерес што околу 2.000 луѓе беа на листа на чекање за билети.