Српската полиција идентификувала неколку државјани на Србија и едно лице од странство кои деновиве испраќале дојави за наводно поставени бомби во белградските училишта, соопшти Владата на Србија.
Во соопштението од 11 декември се наведува дека Министерството за внатрешни работи (МВР) ја известило премиерката Ана Брнабиќ дека е во тек темелна истрага за случајот.
„Сторителите се осомничени за предизвикување паника и неред“, соопштуваат од Владата.
Во соопштението се додава дека Министерството ги презело сите мерки и активности за да се обезбеди највисоко ниво на безбедност и заштита на училиштата.
„Се постапува со секоја закана. Дневно се вклучени околу 2.500 полицајци на терен“, објави Владата.
Се додава дека МВР и Министерството за образование во следните два дена ќе предложат нов протокол за справување со вакви ситуации со цел да се обезбеди целосна безбедност на сите што престојуваат во училиштата и континуитет на наставниот процес.
На 11 декември пристигнале дојави за подметнати бомби во неколку основни и средни училишта во Белград, изјавиле од Министерството за внатрешни работи за новинската агенција Бета. Полицијата постапува до дојавите, а по проверките учениците ќе бидат вратени на настава.
Полицијата и правосудните институции на Србија на 8 декември објавија дека има напредок во истрагата за лажни закани со бомби во училиштата. Во тоа имале помош и преку механизмите на Европската унија за брза соработка на полицијата и кривичното право, Европол и Европравда).
Во последниот месец во Србија се чести анонимните дојави за наводно поставени експлозивни направи во училиштата. Слични дојави беа испратени и на адреси на одредени медиуми, Радио-телевизијата на Србија (РТС) и Радио-телевизијата на Војводина (РТВ), кои неколку пати добиваа такви пораки.
Претходно, со почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, имаше чести дојави за наводно поставени бомби во најважните објекти во Србија, особено на аеродромот Никола Тесла во Белград.