Администрацијата на Бајден „побара од Конгресот да одобри продажба на гранати на Израел“

Израелски тенк Меркава во близина на границата на северниот дел на Појасот Газа на 28 октомври 2023 година.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот да одобри продажба на 45.000 гранати за израелски тенкови Меркава кои ќе се користат во нападот врз Хамас во Газа, според четири извори, меѓу кои и сегашен и поранешен американски функционер.

Потенцијалната продажба, вредна повеќе од 500 милиони долари, не е дел од барањето на Бајден од 110,5 милијарди долари, кое вклучува финансирање за Украина и Израел.

Барањето е под неформално разгледување во комисиите за надворешна политика на Сенатот и Претставничкиот дом, што им овозможува на членовите да ја одложат продажбата или да ги подигнат своите грижи со администрацијата во неформални дискусии.

Видете и ова:

Американскиот сенат ја блокираше помошта за Украина и Израел

Стејт департментот бара од двата одбори брзо да ја одобрат трансакцијата, тврдат актуелен американски функционер и Џош Пол, поранешен функционер на Стејт департментот, додека од друга страна има растечки критики за употребата на оружје од американско производство во конфликтот.

„Тоа беше испратено до одборите на почетокот на неделата и тие треба да имаат 20 дена да го разгледаат израелскиот случај. Стејт департментот врши притисок врз нив веднаш да го решат“, рече Пол, кој поднесе оставка од функцијата во Стејт департментот во октомври поради, како што рече, „ слепата поддршка на администрација за Израел.

Администрацијата, исто така, размислува да дозволи продажба на 13.000 од 45.000 гранати според вонредната одредба на Законот за контрола на извозот на оружје за да се заобиколат одборите, рекоа двајца американски официјални лица, додавајќи дека сè уште не е донесена конечна одлука.

Тој потег ќе му овозможи на Израел да се подготви со оглед на високата тензија во регионот, изјави еден од официјалните лица, пишува Ројтерс.

Портпаролот на Стејт департментот рече дека „нема да ги потврди или коментира предложените трансфери или продажби додека Конгресот не биде известен“.

Сенаторот Крис Ван Холен, демократ во Комитетот за надворешни работи, рече дека позицијата на Конгресот е клучна во големата продажба на оружје.

„Администрацијата не треба да размислува за заобиколување на веќе краткиот рок за разгледување од Конгресот, во овој или кој било друг трансфер на оружје“, рече тој.

Видеата покажуваат дека Израел редовно распоредува тенкови Меркава во нападите на Газа и јужната граница со Либан, каде што конфликтот трае од 7 октомври.