Доделена државната награда „Св. Климент Охридски“

Доделување на државната наградата „Свети Климент Охридски“ во Собранието

Во Собранието на Северна Македонија денеска (8 декември) беше доделена државната наградата „Св. Климент Охридиски“. За остварување во областа на воспитанието и образованието наградата ѝ беше доделена на универзитетската професорка Рабије Мурати, додека за остварување во областа на културата и уметноста наградата ја доби филмскиот режисер Антонио Митриќески.

Тие беа свечено доделени од Томислав Османли кој беше претседател на Одборот за државната наградата „Св. Климент Охридски.

„Силно верувам дека образованието, науката и уметноста може да инспирираат и да ги поттикнат луѓето да прават големи работи, заради тоа, се надевам дека еден ден во нашата земја ќе се отвори подлабока релација за вклучување на образованието, науката и уметноста“, рече Митриќески, заблагодарувајќи се за наградата.

Тој истакна дека е длабоко убеден дека оваа награда ги обврзува нив како добитници да дадат уште поголем придонес и да ги поттикнат идните генерации да останат во земјава.

Видете и ова: Македонија и Бугарија заеднички ќе го одбележат „Св. Климент Охридски“

Покрај со доделувањето на државата наградата во Собранието, денешниот празник „Св. Климент Охридски“ беше одбележан и од страна на државниот и политичкиот врв во државата.

„Со силна вера, дисциплина и посветеност, Св. Климент ги надминуваше пречките коишто му стоеја на патот, неуморно ширејќи ја својата пастирска љубов. Споделувајќи ги светогледот, духовноста, културата и хуманизмот на големиот учител и ние да даруваме љубов, да бидеме внимателни и грижливи, придонесувајќи за мирот, хармонијата, просперитетот и благосостојбата во македонското општество“, рече претседателот Стево Пендаровски во неговата честитка за празникот.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека Свети Климент Охридски е еден од најзначајните личности за македонската писменост и афирматор на просветителската дејност на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

„Го продолжуваме безвременското просветителско, обединувачко и духовно дело на Свети Климент Охридски, со активната заштита, промоција и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Европа и светот и со интеграциските определби“, порача Ковачевски.

И партиски делегации го одбележаа денот со положување свежи цвеќиња, а лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во честитката порача дека „делото на Климент Охридски својот никулец го имало во македонската земја, и затоа Македонија мора да биде и да остане најголемиот чувар на тие свети вредности“.